Америка vs Русија: Ракети, вселена и животен стандард

Вообичаената анти-западна реторика на нашите простори, неретко започнува со „фактите“ околу руско-американската трка во производство на ракети, поготово таму некаде во 1950-тите и 1960-тите. Шлагот на тие пикантерии, произведен во поново време, е измислената афера според која американците наводно не слетале на Месечината. По интернет ќе најдете еден куп теории и видеоклипчиња кои демек го докажуваат овој „факт“. Гагарин кој не направил ниедна слика од вселената не е оспорен никогаш, додека екипата на Аполо, и покрај стотиците фотографии и снимки, е мета на линч кој трае во последнава деценија…или можеби и некоја година повеќе.

Некому можеби ќе му текне, некој можеби намерно ќе заборави, дека токму во времето на Спутник, Лајка и Гагарин, Америка масовно го освојува светот со: Кока Кола, музика, филмови, џинс, хамбургери, елекронски производи, автомобили… неразвиените земји земаат кредити речиси единствено од Америка, додека американските банки поседуваат 78% од заштедите на целиот свет. Што е тоа ако не комплетна доминација на економски, технолошки и културен план?

Една статистика на Универзитетот од Лидс-Англија, покажува дека во 1960-тите години (годините на Лајка и Гагарин) американците поседуваат 75 милиони автомобили, односно 61% од вкупниот број на автомобили во светот. Од 1000 жители на САД, 411 поседувале автомобил. Втора по САД е Нов Зеланд со 271 автомобил на 1000 жители. Од друга страна состојбата во социјалистичките земји е катастрофална. Најдобро е рангирана Чешка со 82 автомобила на 1000 жители, додека останатите како Полска (8 автомобили на 1000 жители) се уште поголема катастрофа.  Во годините кога САД достигнува скоро 100 милиони патнички автомобили, во СССР има околу 5 милиони.  

Во 1960-та година, американците поседуваат 52 милиони телевизори, или 90% од семејствата. СССР овие проценти ги достигнува дури во 1980-тите години, со таа разлика што 31% од населението на СССР гледале само една програма. Во 1960-тите кога опаѓа производството на американски радио приемници, САД произведува 44 милиони радија, а СССР 8,5 милиони. 

Уште во 1944 година 85% од американците поседуваат фрижидер. Па колку за споредба, прашајте ги старите кога прв пат купиле фрижидер, и колку фрижидери имало во нивното маало, таму некаде во годините на Лајка и Гагарин (за 1944 да не праиме муабет). 

Напредокот на една држава не се мери според според една направа (ракета на пример) туку според тоа како живеат луѓето, колку и што можат да си дозволат да купат. 

Виктор Трифуновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *