Владата го убива слободниот пазар, пазарџиите спремаат генерален штрајк

Владата не даде зелено светло за спорниот предлог-закон за престанување на важење на Законот за зелени пазари со образложение дека веќе е донесена одлука со која треба да го пролонгира рокот за стапување во сила на законот за јануари наредната 2020 година. Претставник на пазарџиите, Маја Стојановска, информираше дека по ова категорично го напуштила состанокот во владата бидејќи нивното барање е целосно укинување на постоечкиот и изготвување на нов Закон за трговија на зелените пазари кој ќе биде во согласност со потребите на пазарџиите.

„Не сакам да бидам дел од некои преговори кои не се во корист на пазарџиите. Ако има согласност да се пишува нов закон, в ред, ќе учествувам, но вака не. Кој сака нека преговара, но јас во тие води не влегувам“, изјави Стојановска за „Макфакс“.

Воедно пазарџиите побарале и да се намали цената на паркингот околу зелениот пазар во Скопје, но од владата и оваа барање им било одбиено.

Пазарџиите вчера уште еднаш се заканија ако не се прифати нивното барање за укинување на Законот, тие ќе стапат во генерален штрајк на сите зелени пазари.

Претходно тие најавија дека ќе поднесат и иницијатва пред Уставниот суд за да го укинат, а не, како што се предлага со новиот предлог-закон, да се пролонгира примената за една година.

Инаку, одложувањето на Законот за трговија на зелени пазари за една година беше изгласано минатиот месец во Собранието, при што за гласаа 57 пратеници, а 12 беа против. Донесувањето на измените беше под притисок на пазарџиите, кои претходно излегоа на протест пред Собранието и бараа укинување на Законот за зелени пазари.

Според Законот, закупец на тезга треба да плаќа по 60 евра лиценца за тезга и плус 40 доколку сака да продава на уште една. Со новиот закон исто така не им дозволува повеќе да работат на пазарите пензионерите, социјалците, стечајците и хонорарците, а лиценците за работа на пазарџиите ќе им ги издава комората надлежна за таа дејност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *