Заев бара од судиите да се изјаснат за писмото на амбасадорот Бејли

Министерката за правда Рената Дескоска ќе добие инструкции да го отвори прашањето во Судскиот совет што го отвори американскиот амбасадор Џес Бејли во писмото пратено до претседателите на судовите, со кое бара од нив да не ја посочуваат амбасадата како одговорна за одлуките што ги носат за притворите и пресудите, порача вчера премиерот Зоран Заев од собраниската говорница.

– Судскиот совет сигурно ќе донесе одлука. Ако имало таква работа, да се посочи и да се преземе одговорност. Ако немало, да биде начисто Америка преку својот прв репрезент – американскиот претседател, бидејќи кога зборува амбасадорот, зборува земјата. Тоа е доволен сигнал да преземеме одредени дејства и анализи за да видиме што е во суштина причината да дојде до такво писмо – рече Заев, одговарајќи на пратеничко прашање.

Тој истакна дека веќе му наложил на својот советник за надворешна политика Дане Талески да контактира со американскиот заменик-амбасадор.

– За писмото од амбасадорот Бејли разбрав од медиумите и загрижен сум од позитивен аспект. Му наложив на советникот за надворешна политика Дане Талески да се сретне со заменик-амбасадорот за да добиеме дополнителни појаснувања и уверувам дека до утре ќе ги добиеме. Амбасадорот Бејли не е во земјава и веројатно заменик-амбасадорот може да објасни, но ако не, тогаш кога амбасадорот ќе се врати, околу нашите божиќни празници, директно ќе разговарам со него – рече Заев.

Самиот чин на испраќање на писмото, смета Заев, треба да нѐ загрижи сите.

– Не ги знам деталите и каде е сомневањето што амбасадорот Бејли го посочи во писмото. Повеќе ја сфатив пораката да се испрати до правосудството и да не се вадат на амбасадата при носење на одлуките. Јас сум еден од сведоците дека и во времето на пржинскиот договор се зборуваше дека американската амбасада го наметнала тоа, ЕУ го наметнала, а сите знаеме дека ние ги носевме одлуките, а од нив баравме да бидат медијатори – рече Заев.