Телата на 7-те починати во автобуската несреќа се однесени на обдукција

Со цел да се утврди причината за смртта, тела на 7 починати во автобуската нереќа што се случи попладнево на автопатот Скопје – Тетовo се пренесени на судска медицина за да се изврши обдукција, информираат репортерите на „Макфакс“ кои го следат развојот на настаните пред градската болница „8 Септември“ во Скопје. Во оваа болница се хоспитализирани поголем дел од повредените во сообраќајната незгода.

Од Основното јавно обвинителство Скопје претходно информираа дека покрај обдукција на починатите, ќе биде издадена наредба и за вонреден технички преглед на автобусот на компанија „Дурмо турс“.

Со возачот на автобусот, кој е повреден и хоспитализиран, полицијата веќе направила информативен разговор, а од обвинителството најавија дека издадена е наредба за анализа на неговата крв и урина.

Според првичните информации од увидот, несреќата се случила попладнево кога автобусот со гостиварски регистарски таблички преминал преку заштитната ограда на спротивна страна од автопатот, потоа излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.

Во несреќата загинаа 13 лица, а 30 се повредени.

Очевидци на настанот велат дека до несреќата дошло поради експлозија на една од автобуските гуми, но ова засега не е официјално потврдено.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *